Шумско-опитна станица

Шумско-опитната станица е формирана со посебен акт на Владата на СР. Македонија во 1951 г. во рамките на Шумарскиот факултет во Скопје, со цел да се користи за унапредување на практичната настава, на научноистражувачката и на апликативната работа на Факултетот.

Во рамките на шумско-опитната станица влегуваат следниве објекти:

  • Арборетум, семениште, училиште во Трубарево (3,3 ha);
  • Други површини во Трубарево (8,0 ha);
  • Ловиште со волиери, чеки, хранилишта, просеки и др. во Трубарево (14,6 ha);
  • Дендропарк и расадник во факултетскиот парк (4,5 ha);
  • Стакленик во факултетскиот двор (200 m2);
  • Административна зграда во Трубарево и во Скопје (200 m2);
  • Расадник, дендропарк и огледни површини во Крушево (40 ha);
  • Огледни површини на Китка (Скопје) (1,5 ha).

Површините во Трубарево (арборетумот, ловиштето и други површини) се прогласени за споменици на природата со одлука на надлежните органи на град Скопје, и се ставени под посебен режим на заштита.

Низ годините, во арборетумот и во дендропаркот се внесени околу 600 дрвенести автохтони и алохтони видови растенија, а меѓу нив и ретки и вредни видови. Според бројот на видови, таа била една од најбогатите колекции на Балканскиот Полуостров. За жал, неколку фактори значително придонесоа да се променат еколошките и други услови (регулација на коритото на реката Вардар, отворањето на повеќе бази за црпење песок, градба на железничка пруга во близина, а особено големиот пожар од 1993 година). Како последица на тоа, од година во година, бројот на дрвните видови се намалува, а финансиските можности, и човечките ресурси за нивно одржување исто така се во долгогодишен тренд на опаѓање. Посебен проблем станува недостатокот од инфраструктура за наводнување, особено во паркот и во дворот на факултетот, и во летниот период голем број чувствителни видови покажуваат знаци на стрес поради суша и се слабо витални.

Ловиштето, кое е дел од Шумско-опитната станица, е лоцирано на 5 km источно од Скопје, во Трубарево. За исполнување на неговата основна функција, веднаш по формирањето се пристапило кон негово уредување. Во делот обраснат со шумска вегетација беа формирани две ловни просеки во должина од 600 m, а потоа беше изграден соодветен број неопходни ловно-технички помагала и објекти. Стопанисување со ловиштето се врши со посебна ловно-стопанска основа, во која главни видови дивеч се зајакот, полската еребица и фазанот. Првите два вида се автохтони, додека фазанот беше интродуциран уште во далечната 1952 год. Во ловиштето, за студентите се изведувала и практична настава. Освен тоа, во ловиштето била изградена дводелна адаптациона волиера со површина од 1000 m2 . Основна намена на овој објект била запознавање на студентите со постапката за подивување на вештачки одгледан дивеч. Покрај тоа, факултетското ловиште располагало со соодветна опрема преку која студентите се запознавале со ловното стрелаштво и воопшто со ловната балистика.