Добредојдовте

Драги студенти, почитувани соработници, почитувани колешки и колеги,

Нашата институција е еден од трите највозрасни факултети во Р.С. Македонија, кои се и основачки членки на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Етаблирана во 1947 година, како дел од тогашниот Земјоделско-шумарски факултет, институцијата долго време го носеше препознатливото име Шумарски факултет во Скопје, сè до 2019 год. Оттогаш, заради подобро претставување на сите аспекти со кои денес се занимава факултетот, како во образованието, така и во науката и во праксата, а кои се многу пошироки отколку што е класичното разбирање на шумарството, називот на нашата институција е Факултет за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ (ХЕФ).

Низ својата повеќе од 70-годишна историја, факултетот е во постојана еволуција и промени, и се прилагодува кон актуелни општествени, технолошки, наставно образовни, научни и други услови и аспекти, важни за наставно-научна установа. Преку постојаните поситни, а повремено и преку суштински промени во наставните содржини, активно се прилагодуваме и го насочуваме фокусот кон зачувувањето, заштитата и унапредувањето на шумите, како еден од предусловите за генерално зачувување на биодиверзитетот. Последната поголема промена на ХЕФ се случи во 2012 год., кога освен осовременување на постоечките „Шумарство“ и „Пејзажно дизајнирање“, беше воведена и насоката „Екоинженеринг и екоменаџмент“.

Денес ХЕФ, преку образување стручни кадри, преку реализација на научни истражувања и апликативни проекти, е една од клучните алки на шумарството во Р. С. Македонија, но и во сродните области поврзани со хортикултурата и со еколошките науки генерално.

Во насоката Шумарство, главниот фокус на студиите е посветен на управувањето со шумите. Шумите денес, и понатаму претставуваат значаен ресурс за економијата на многу земји и региони, но постепено се напушта пристапот според кој на нив се гледа единствено како на финансиска категорија. Освен како на ресурс кој дава материјални добра, во прв ред дрво и други шумски ресурси (лековити растенија, печурки, плодови и сл.), модерното шумарство и современите општества на шумите гледаат како на фрагилен систем со многу поголеми еколошки и социјални погодности, кои и самите имаат свои финансиски вредности. Многубројните други корисни функции за општеството се: многустрана заштитна функција особено во поглед на заштита на биодиверзитетот и запирање на ерозијата на земјиштето, позитивното влијание врз климата и врз режимот на водите, производството на кислород и прочистувањето на воздухот, подобрување на квалитетот на животната средина, врзувањето на CO2 како еден од т.н. стакленички гасови, одморот и рекреацијата на луѓето, и многу други.

Насоката Екоинженерингот и екоменаџментот е во поголема мера посветена на холистичкиот пристап кон шумите и кон пејзажот воопшто. Теоретската и практичната работа во текот на студирањето на оваа насока на идните инженери им даваат соодветни насоки и знаења за  заштитата на почвата и на водите,  планирањето, користењето и управувањето со земјишните и со водните ресурси, управувањето со заштитени и со заштитните шумски подрачја, а исто така се оспособуваат да вршат процена на влијанието на шумарските и на екоинженерските активности врз животната средина.

Во насоката Пејзажно дизајнирање се изучуваат основните принципи и елементи потребни за успешно спојување на функционалното со естетското во конципирањето и креирањето на градини од најразлични типови и формати. Пејзажната архитектура се изучува во детали и вклучува не само принципи и техники во дизајнирањето, туку се изучуваат и главните физиолошки, морфолошки, естетски и еколошки карактеристики на растенијата, кои се основниот материјал за создавање паркови. Освен тоа, студентите се едуцираат за комбинирањето на повеќе елементи (растителност, рељеф, вода и архитектура), и истовремено хармонично да ги сплотат уметноста и науката при реализацијата на своите хортикултурни проекти. Предметните содржини покриваат широк дијапазон на познавања од најразлични области, кои ги оспособуваат студентите за осмислување, реализација и одржување на мини- или мега-проекти сеедно, поврзани со озеленувањето и хортикултурата во урбаните и пери-урбаните средини. Зелените површини во суштина претставуваат култивиран предел, и освен естетско влијание, исполнуваат и голем број други функции битни за модерното живеење. Тие ја подобруваат микроклимата во населбите, го прочистуваат воздухот, ги намалуваат температурните екстреми и градската бучава. Зеленилото има круцијално значење во поширокото, генерално уредување на урбаните средини, и е еден од најважните фактори за подобрувањето на квалитетот на животот во населените места.

За студентите кои студираат или ќе студираат на ХЕФ, инвестираат во стекнување знаења кои сигурно ќе ги променат нивните животи, бидејќи се решаваат за справување со современите предизвици од областа на животната средина и обезбедување на иднина не само за својата, туку и за следните генерации. Токму затоа, на ХЕФ се стремиме кон обезбедување современи методи и техники во процесот на формирањето стручни кадри, идни инжењери, еколози, хортикултуристи. Но, преку образовнот процес не тежнееме само кон стручно усовршување на студентите, туку и да станат вљубеници во својата професија. Единствено такви, стручни, посветени и агилни експерти, ќе можат да се справуваат со многубројните предизвици во нашата струка, или поточно кажано, група струки. Имајќи ги предвид глобалните климатски промени и веќе катастрофалните негативни појави поврзани со нив, одржливото шумарство, и на глобално и на локално ниво, е една од ретките преостанати алатки со кои современиот човек може да се справува со нив. Јасно е дека не сме веќе во позиција на шумите да гледаме единствено како на ресурс за обезбедување дрво и други материјали и суровини, туку дека за нив мораме многу повеќе да се грижиме, да ги негуваме и да ги заштитуваме отколку да ги користиме. Од аспект на високо образование, ние сме тука да ги подучуваме и потсетуваме студентите, нашите идни колеги, дека секој чекор во вистинската насока носи позитивни промени, а секој чекор во погрешна насока прави да ни биде сè потешко во иднина да ги поправаме грешките. Студентите од поновите генерации мора да се соочат со фактот дека за да може да ги користат сите предности на технолошката револуција која во моментов се одвива во светот, ќе мора да најдат начин да ја зачуваат планетата на која ќе живеат.

Со почит,

проф. д-р Кирил Сотировски

Декан на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“