доц. д-р Борис Најдовски

Доцент

email: najdovski@sf.ukim.edu.mk

Роден е 1985 година во Скопје, каде завршил основно и средно гимназиско образование. Дипломирал на Шумарскиот факултет во Скопје во 2012 год. на насоката „Озеленување и унапредување на животната средина“. Во 2016 година јавно ја одбранил магистерската работа под наслов: „Анализа на промената на на планинските пасишта во горниот Брегалнички регион“ и се стекнал со звањето магистер по шумарски науки. Во 2017 година се запишал на докторски студии на Земјоделскиот факултет при Универзитетот во Нови Сад, Република Србија, каде на 8.10.2025 година ја одбранил дисертацијата на тема: „Микробиолошка активност и респирација на почвите во зависност од температурата и влажноста“ и се стекнал со научниот назив доктор на биотехнички науки (Решение за признавање и еквиваленција на странска високообразовна квалификација; издадено од МОН, бр. 24-977553 од 11.11.2025 година).

По дипломирањето работел во неколку претпријатија како шумарски инженер за пејзажно дизајнирање и учествувал во планирањето и реализацијата на повеќе јавни, резиденцијални и приватни објекти. Паралелно, како стручен соработник, учествувал во повеќе научно-истражувачки проекти и стручно-применувачки активности на Факултетот, при што покажува особен интерес за проучување на почвата како природно-историско тело, нејзините својства и корелацијата со шумските и пасишните заедници.

На катедрата за „Одгледување на шумите“ е вработен во 2020 година, како асистент на предметот „Педологија со петрографија“, а после одбраната на докторската дисертација е избран во звањето доцент.

Денес е доцент и изведува настава по предметните програми: „Исхрана на растенијата“, „Високопланински екосистеми“ и „Вовед во шумарството“. Одговорен е за изведување на аудиториски и лабораториски вежби по предметите „Педологија со петрографија“ и „Мелиорација на деградирани шуми и шикари“. Исто така, извршува педолошки и други стручни анализи во педолошката лабораторија, поврзани со наставно-образовната и стручно-апликативната работа на факултетот.

Области на негов научно-истражувачки интерес се својствата на почвите, содржината на органска материја во почвата, циклусот на хранливите материи во растенијата и животната средина, задржувањето на јаглеродот во почвата и примената на современите геоматски техники во изучувањето на почвите.