проф. д-р Панде Трајков
Редовен професор
Проф д-р Панде Трајков дипломирал на Шумарскиот факултет во Скопје во 1988 год., а магистрирал во 1992 год. на истиот факултет, на тема: „Влијание на круната врз прирастот во горуновите насади на Огражден”. Докторирал во 1997 година на Шумарскиот факултет во Скопје на тема со наслов: „Зависност на производноста од составот на насадот во мешаните букови црнборови насади во источниот шумски регион на Република Македонија”.
Од 1988 год. е вработен на Шумарскиот факултет во Скопје, како помлад асистент по областа „Уредување на шумите“. Во 1992 г. по магистрирањето е избран за асистент, а по докторирањето во 1998 година е избран за доцент. Во 2002 година е избран за вонреден професор, а во 2007 г. за редовен професор. Во периодот 2001 -2004 год. бил продекан на Шумарскиот факултет, а на истата функција е и од почетокот на 2017 година.
Денес е редовен професор и изведува настава по предметните програми: „Уредување на шумитe“, „Дендометрија“, „Многуфункционално стопанисување со шумите“ и „Растеж и прираст на шумите“ (на прв циклус студии) и „Производност на шумските насади“, „Инвентаризација на шумите“ и „Уредување на шумите 2“ (на втор циклус студии).