ас. м-р Владимир Тановски

Асистент

email: vladimirtanovski@sf.ukim.edu.mk

Роден е 1990 година во Битола. Дипломирал на Шумарскиот факултет во Скопје во 2013 год. на насоката „Шумарство“. Во 2017 година јавно ја одбранил магистерската работа под наслов: „Развој на насадите од Молика (Pinus peuce Gris.) во однос на надморската височина во Националниот парк Пелистер“ и се стекнал со звањето магистер по шумарски науки.

По дипломирањето работел во неколку претпријатија како шумарски инженер и учествувал во планирањето и изработката на неколку посебни планови за стопанисување со шумите како и изработка на програми. Паралелно, како стручен соработник, учествувал во повеќе научно-истражувачки проекти и стручно-применувачки активности на факултетот. Покажува особен интерес во уредувањето на шумите и дендрометријата, како и растежот и прирастот на шумите како една динамична целина.

На катедрата за „Уредување на шумите“ е вработен во 2020 година, како асистент на предметот „Уредување на шумите“. Одговорен е за изведување на аудиториски и лабораториски вежби по предметите „Уредување на шуми“, „Дендрометрија“, „Многуфункционално стопанисување со шумите“, „Растеж и прираст на шумите“ и „Основи на планирање и управување со шуми”. Извршува дендрохронолошки и дендроеколошки анализи, како и анализи за растежот и прирастот на дрвјата и насадите во лабораторијата за растеж и прираст, поврзани со наставно-образовната и стручно-апликативната работа на факултетот.

Области на негов научно-истражувачки интерес се уредувањето на шумите, шумарската инвентаризација, растежот и прирастот на стеблата и насадите, мултифункционалното стопанисување и управување со шумите, дендрохронологијата и примената на современите геоматски техники во уредувањето и инвентаризацијата на шумите.