Пејзажна архитектура

Современите градови наметнуваат нови трендови во обликувањето и уредувањето на зелените површини од сите категории со што се отвора простор за оформување на квалитетен кадар кој ќе се зафати со решавање на задачите од проблематиката пејзажна архитектура. Теоретската и практичната работа треба да му дадат на идниот инженер по пејзажна архитектура соодветни насоки, алатки и доволно знаење да може да се справи со проблемите на планирањето, подигањето, одржувањето и заштитата на зелените површини во урбанизираните подрачја.

Во насоката Пејзажна архитектура се изучуваат основните принципи и елементи потребни за успешно спојување на функционалното со естетското во конципирањето и креирањето на градини од најразлични типови и формати. Процесот на пејзажно дизајнирање се изучува во детали и вклучува не само принципи и техники во дизајнирањето, туку се изучуваат и главните физиолошки, морфолошки, естетски и еколошки карактеристики на растенијата, кои се основен материјал за создавање градини. Освен тоа, студентите се едуцираат за комбинирањето на повеќе компоненти (растителност, рељеф, вода и архитектура), и истовремено хармонично да ги сплотат уметноста и науката при реализацијата на своите хортикултурни проекти.

Предметните содржини покриваат широк дијапазон на познавања од најразлични области, кои ги оспособуваат студентите за осмислување, реализација и одржување на мини- или мега-проекти сеедно, поврзани со озеленувањето и хортикултурата во урбаните и пери-урбаните средини. Зелените површини во суштина претставуваат култивиран предел, и освен естетско влијание, исполнуваат и голем број други функции битни за модерното живеење. Тие ја подобруваат микроклимата во населбите, го прочистуваат воздухот, ги намалуваат температурните екстреми и градската бучава. Зеленилото има круцијално значење во поширокото, генерално уредување на урбаните средини, и е еден од најважните фактори за подобрувањето на квалитетот на животот во градски средини.

Целта на оваа студиска програма е создавање на профил за професијата инженер по пејзажна архитектура во согласност со потребите на современото стопанство и врз основа на утврдените критериуми за квалитет на наставата на рамниште на Универзитетот. Студиската програма е конципирана на начин кој овозможува стекнување на знаења и компетенции неопходни за дипломиран инженер од оваа област, кои што ќе претставуваат основа за понатамошно образование и следење на најновите сознанија во областа на пејзажната архитектура. Истовремено, дипломираните инженери од оваа студиска програма ќе бидат подготвени да одговорат на барањата на современото дизајнирање на пејзажи. Исто така, цел на оваа програма е создавање инженери кои се компетентни за развој на јавните и приватните претпријатија, проектирање, планирање во врска со озеленувањето, кои ќе располагаат со фундаментални знаења потребни за понатамошно образование во втор и трет циклус. Оваа цел се остварува преку предложената програма која овозможува образување на идни инженери и нивно оспособување за примена на стекнатите фундаментални знаења од областа на пејзажното дизајнирање за формулирање и решавање на биотехнички и инженерски проблеми, за користење на инженерски пристап и современи софтверски алатки во пејзажната архитектура, за интерпретирање и анализирање резултати од нивната работа, за унапредување на знаењето и за следење на развојот на пејзажното дизајнирање.

Студиската програма Пејзажна архитектура овозможува создавање кадри кои по дипломирањето ќе станат дел од стопанството, пред сè во рамките на јавните комунални претпријатија кои учествуваат во одржувањето на урбаното зеленило. Истовремено, дипломираните инженери од оваа студиска програма ќе можат да бидат вклучени во јавната администрација чии што функции се поврзани со урбаното зеленило, потоа во образованието и науката, но и во консултантски, проектантски и производни компании кои што се занимаваат со сите аспекти на урбаното зеленило, почнувајќи од расадници, преку проектирање, изведба и одржување на подигнатото декоративно зеленило и слично.