Шумарство

Во насоката Шумарство, главниот фокус на студиите е посветен на управувањето со шумите. Во минатото, шумите и шумското земјиште од страна на општеството биле перципирани најмногу од ограничен, финансиски аспект. Тие и денес, и на глобално ниво, се значаен ресурс за економијата на земји и региони, но веќе е напуштен пристапот според кој шумите се сведуваат само на финансиски критериум. Освен како на ресурс кој дава материјални добра, во прв ред дрво и други шумски производи (лековити растенија, делови од растенија, печурки, плодови и сл.), модерното шумарство и современите општества на шумите гледаат како на фрагилен систем со многу поголеми еколошки и социјални вредности, кои и самите имаат свои финансиски вредности. Многубројните други корисни функции за општеството се: многустрана заштитна функција особено во поглед на заштита на биодиверзитетот и запирање на ерозијата; позитивно влијание врз климата и врз режимот на водите; производство на кислород и прочистување на воздухот; подобрување на квалитетот на животната средина; врзувањето на јагленороден диоксид како еден од гасовите кои придонесуваат за ефектот на стаклена градина; одморот и рекреацијата на луѓето, итн.

Цел на студиската програма Шумарство е оспособување на кадри за сите активности во врска со подигањето, одгледувањето, заштитата, користењето на шумите инвентаризација и планирање на стопанисувањето со шумите, планирање и имплементација на ловното стопанство.

Студиска програма Шумарство ги вклучува најважните аспекти на шумарството т.е. познавање на шумската растителност и фитоценозите, облагородување на шумските видови дрвја, семенарство, расадничарство и пошумување, одгледување на шумите, мелиорација на деградирани шуми и шикари, механизација во шумарството, користење на шумите (дрвни и недрвни продукти), планирање дотур и транспорт, проектирање и градење шумски патишта, проектирање и градење други градежни објекти во шума, заштита на шумите, управување со шумски пожари, одгледувњае на дивеч и ловно стопанство, економика и организација на шумарството и шумските претпријатија, премер на шумите и инвентаризација, планирање на управувањето со шумите, менаџмент и бизнис во врска со шумски продукти.

Со студиската програма Шумарство се создаваат кадри кои по дипломирањето ќе можат да станат дел од стопанството, администрацијата и образованието како:  државна и локална администрација, јавни претпријатија образование и наука – Средни стручни училишта, невладин сектор – Противпожарен сојуз, НВОи од областа на шумарството, унапредувањето на животната средина и заштита на природните ресурси, приватен сектор – фирми за планирање во шумарството, инженерски фирми, претпријатија за користење на шумите, ловностопански субјекти, шумски расадници и др.