Библиотека

Библиотеката на Шумарскиот факултет во Скопје, започнала со самостојна работа од 1.10.1975 г., веднаш по одвојувањето од Земјоделско-шумарскиот факултет – Скопје. Основна дејност на библиотеката на УКИМ ХЕФ е набавка и обработка на книжниот фонд, опслужување на наставно-научниот кадар, студентите, постдипломците, докторандите и на сите оние кои имаат потреба од научна и од стручна литература.

За збогатување на книжниот фонд во библиотеката, посебна улога има службата за размена. Треба да се потенцира дека размената би била уште поголема во збогатување на книжниот фонд, доколку Годишниот зборник или Шумарскиот преглед би излегувале поредовно. И покрај тоа, размената со домашни институции редовно се остварува. Во последните неколку години отежната е набавката на странска литература и списанија поради немање законска регулатива за таква намена. Поради тоа, наставно-научните работници се принудени самостојно да вршат набавка на странска стручна литература во зависност од своите потреби и можности, ад хок и на несистематски начин.

Во библиотеката на УКИМ ХЕФ, со успех се реализира институцијата библиотечно позајмување. Така, бараната литература, што не може да се најде кај нас, за корисниците се обезбедува со позајмување од други библиотеки од земјата или од странство, со можности за заемно позајмување.

Во 2016 година, благодарение на Програмата за зачувување на природата во Македонија (ПЗП), проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) координиран од Хелветас и Фармахем, набавени се 13 нови и конкретно нарачани наслови од областа на шумарството, озеленувањето и одржливото стопанисување со природните ресурси.

Факултетската библиотека располага со читална со 40 места за седење, и е отворена за користење во секој работен ден од 7 до 19 часот. Користењето на библиотеката, од страна на студентите и од други категории на корисници, во текот на сите овие години на работење е на задоволително ниво.