ас. м-р Јакоб Ќипровски

Асистент

email: kjiprovski.jakob@sf.ukim.edu.mk

Јакоб Ќипровски е асистент на Катедрата за заштита на шумите и дрвото и истражувач во областа на заштитата на шумите. Учествува во реализацијата на аудиториска, практична и теренска настава од областа на заштитата на шумите и зелените површини, екоклиматологијата и екомониторингот. Неговите научни и стручни интереси ги опфаќаат влијанието на абиотските и биотските фактори врз шумските екосистеми и зелените површини, аерозагадувањето, климатските промени, шумските пожари и пожарите на ниво на предел, управувањето со горливите материјали, процената на пожарната опасност и примената на современи технологии во шумарството.

Во 2020 година дипломира на студиската програма Екоинженеринг и екоменаџмент на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со дипломски труд на тема: „Влијанието на климатските промени врз шумата како горлив материјал за шумски пожари до 2050 година во Малешевскиот Регион, во согласност со IPCC-сценаријата за климатските промени во Македонија“.

На истиот факултет го завршува и вториот циклус студии и се стекнува со звање магистер по шумарски науки, со магистерски труд на тема: „Компаративна анализа на пристапи за класификација и картирање на горливиот материјал при управување со пожари на ниво на предел за потребите на шумарството во Македонија“.

Во моментов е докторанд на Универзитетот во Сасари – UNISS, Италија, на студиската програма „Monitoring and control of agricultural and forestry ecosystems in the Mediterranean environment“, со предвидено завршување на докторските студии во 2028 година.

Покрај универзитетскиот ангажман, соработува со Регионалниот центар за следење на шумски пожари – RFMC и учествува во национални, регионални и меѓународни проекти, конференции, семинари и специјализирани обуки. Меѓу позначајните се обуката „Remote Sensing of Wildfires“ на Универзитетот на Алјаска во Фербенкс, EuropeanTREX – Prescribed Fire Training Exchange во Португалија, работилницата „Technologies for Enhanced Wildfire Danger Rating“ во Атина, како и обуките од областа на управувањето и сузбивањето на пожари во Косово каде Ќипровски е еден од главните инструктори и тренер на тренери. Во рамките на својата стручна работа има соработувано со повеќе меѓународни организации и партнери, меѓу кои UN, FAO, USFS, SDC, OSCE и JICA.