доц. д-р Михајло Ристески

Доцент

email: mihajlo.risteski@sf.ukim.edu.mk

Доц. д-р Михајло Ристески е роден во 1981 година во Прилеп. Дипломирал на Шумарскиот факултет во Скопје во 2006 год., на насоката шумарство, со дипломски труд под наслов „Вертикална трансмисија на хиповируси преку конидии кај изолати на Cryphonectria parasitica Murr. (Barr.)“, со што се стекнал со звање дипломиран шумарски инженер. Во 2011 година јавно го одбранил магистерскиот труд под наслов: „Вегетативна компатибилност, размножувачки типови и хиповирулентност на изолати на габата Cryphonectria parasitica од Р. Бугарија“ и се стекнал со звањето магистер по шумарски науки. Во 2018 година јавно го одбранил докторскиот труд под наслов „Дистрибуција и диверзитет на патогени видови Phytophthora во Република Македонија“ со што се стекнал со звањето доктор на шумарски науки.

После дипломирањето работел во неколку ловечки здруженија како шумарски инженер-консултант. Бил консултант за изработка на елаборат за мелиорација и пошумување на хидросистем. Волонтирал на Шумарскиот факултет како стручен соработник и стручно се изградувал, при што остварил бројни научно-истражувачки посети во еминентни научни институции и лаборатории во странство. Од нив: две шестнеделни научно-истражувачки посети во фитопатолошка лабораторија на Универзитетот Корнел во Итака, Њујорк, во 2006 и 2007 година; шестнеделна научно-истражувачка посета на Институтот за истражување тополи и брзорастечки дрвни видови во Кавакчалак, Истамбул, Турција, во 2006 година; тринеделна и двонеделна научно-истражувачка посета на WSL, лабораторијата за популациона генетика и фитопатологија во Бирменздорф, Швајцарија, во 2008 и 2012 година; 3 неделна научно-истражувачка мисија (short term scientific mission) на фитопатолошката лабораторија на Универзитетот Абердин во Абердин, Шкотска (во склоп на COST aкција FP0801). Бил активен учесник на летни и тренинг школи од областа, и тоа: во 2010 година во Белград, Србија, во 2013 година во Сараево, Босна и Херцеговина; во 2014 година, во Оеирас, Португалија; Во 2014 година во Упсала, Шведска; во 2017 во Паленција, Шпанија. Исто така, бил активен учесник на бројни работни состаноци во склоп на COST акции ширум Европа. Самостојно и ли со други автори учествувал во подготвувањето и изрботката на повеќе наставно-образовни, научно-истражувачки и стручно-апликативни активности, како и активно учествувал во национални и меѓународни проекти, конгреси, конференции, семинари, симпозиуми, работилници и обуки. Учесник и соработник бил на 8 успешно завршени национални и мултилатерални научно-истражувачки проекти и стручно-применувачки активности на факултетот. Освен националните и меѓународните трудови и постер презентации, коавтор е на 8 научно-истражувачки трудови објавени во списанија со фактор на влијание (импакт фактор).

Од 2020 година е вработен  на Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ во Скопје, во соработничко звање – асистент  на Катедрата за заштита на шумите и дрвото, научноистражувачка област: фитопатологија. Одговорен е за изведување на аудиториски и лабораториски вежби по предметите од оваа област. Извршува молекуларни и други стручни анализи во лаборатoријата за фитопатологија, поврзани со наставно-образовната и стручно-апликативната работа на факултетот.

Области на негов научно-истражувачки интерес се: симптоматологија, колектирање, изолација, одгледување и детекција на фитопатогените габи, со посебен интерес кон кореновите габи. Се користи со бројни лабораториски техники, меѓу кои: лиофилизација на култури, изолација на ДНК,  секвенционирање, изработка и анализа на филогенетско дрво. Од интерес му е и феноменот биолошка борба in situ со користење хиповирулентност, против ракот по кората на питомиот костен чиј предизвикувач е габата Cryphonectria parasitica.

Активно го познава англискиот јазик, пасивно францускиот. Одлично се користи со современи компјутерски вештини.