ас. м-р Викторија Брндевска Стипановиќ
Асистент
Родена е 1979 година во Штип. Дипломирала на Шумарскиот факултет во Скопје во 2003 год. на насоката „Озеленување и унапредување на работната и животната средина“. Во 2012 година јавно ја одбранила магистерската работа под наслов: „Живите огради како елемент од пејзажното дизајнирање околу јавните и индивидуалните објекти во населбите Тафталиџе 1, Карпош 3 и Злокуќани во Скопје“ и се стекнала со звањето магистер по шумарски науки.
По дипломирањето работела како шумарски инженер за пејзажно дизајнирање и има изработено и реализирано голем број проекти за пејзажно дизајнирање на приватно и јавно зеленило. Има искуство од производство на декоративен саден материјал и изработка на системи за автоматско наводнување на растенијата. Паралелно, како стручен соработник, учествувала во изведувањето на стручно-апликативни активности на факултетот. Покажува особен интерес за проучување на пејзажното дизајнирање на зелените површини и значењето и улогата на растителноста во урбаната средина како директна и најважна врска на современиот човек со природата.
На катедрата за „Проектирање и подигање на зелени површини“ е вработена како асистент во 2020 година. Одговорна е за изведување на аудиториските вежби по предметите „Дизајнирање на паркови и зелени површини“, „Дизајнирање на градини“, „Парковска архитектура“, „Историја на парковска уметност“, „Пејзаж и дизајн на зелени површини“, „Перени и едногодишни растенија“, „Урбано зеленило“ и „Бонсаи и минијатурни градини“. Врши истражувања од областа на проектирањето и подигањето на зелените површини, поврзани со наставно-образовната и стручно-апликативната работа на факултетот.
Области на нејзин научно-истражувачки интерес се проучување на урбаното зеленило, системот на градското зеленило, различните стилови на пејзажно дизајнирање на паркови и градини, уредување на екстериерот и ентериерот со растенија во саксии и жардиниери, обликување и одржување на бонсаи и пејзажно дизајнирање на кровните градини и формирање на вертикални ѕидови како алтернативен начин на озеленување, кој би требало да го подигне квалитетот на животот во градската средина.