Лаборатории и збирки

На Факултетот постојат лаборатории кои служат за потребите на наставната, научно-истражувачката и апликативната дејност. Некои од нив се добро опремени, а некои се со постара опрема. Освен лабораториите, одделни наставни дисциплини имаат оформено и сопствени збирки, кои првенствено се наменети за студенти, а служат за поквалитетно и поуспешно совладување на наставната содржина. Педолошката лабораторија функционира од основањето на Факултетот. Лабораторијата е опремена со инструменти и инвентар за хемиска и за физичка анализа на почвата. Освен научни и апликативни испитувања, се користи и за практични вежби од предметната програма „Шумарска педологија“. Лабораторијата за испитување на анатомските, физичките и механичките својства на дрвото, е една од првооснованите, која е опремена со основните апарати и инструменти за одредување на квалитетот на дрвото. За потребите на предметните програми по „Познавање на дрвото“ е создадена ксилотека и збирка на хистолошки препарати од автохтони и алохтони видови дрвја. На факултетот постои микроскопска сала со 24 работни места во која се изведуваат практични вежби од повеќе предметни дисциплини. Компјутерската лабораторија е со дваесет работни места и во неа студентите ја изведуваат практичната настава по предметната програма „Информатика“. На Факултетот функционира мрежен систем на поврзаност којшто овозможува брза размена на информации. Интернет мрежата, засега ги задоволува потребите, но системот постојано треба да се надградува и усовршува.

Покрај нив, на Катедрата за заштита на шумите и дрвото, постојат ентомолошката и фитопатолошката лабораторија во кои се изведуваат научни истражувања за повеќе проекти од земјава и странство. Во нив исто така се реализираат и истражувања кои се поврзани со апликативна дејност од областа на мониторинг за присуство на растителни болести и штетници во шумите и во шумските култури, здравствената заштита на објекти за производство на посадочен материјал, семенски состоини и семе. Овие лаборатории се користат и од студентите за подготвување на практични испити од „Шумарска ентомологија“ и „Шумарска фитопатологија“. Освен тоа, се користат при изработка на дипломски, магистерски и на докторски трудови.

Во рамките на фитопатолошката лабораторија, со текот на годините, постепено е формирана и опремувана и засебна лабораторија за истражувања од областа на молекуларната биологија. Таа е лоцирана во засебна просторија (до фитопатолошката лабораторија) и во моментов располага со основната опрема за изолација на ДНК од соодветно подготвени примероци, нејзино потврдување и архивирање на податоците, како и обработка заради потреба од натамошни истражувања. Во текот на 2016 година за првпат самостојно е изолирана ДНК од примероци микроорганизми, а во 2017 година после додатна обработка ДНК примероците се секвенционирани во други лаборатории со кои соработува катедрата за Заштита на шумите и дрвото. Оваа лабораторија засега служи само за научни истражувања но и за обука на постдипломски студенти, а стои на располагање за молекуларни истражувања на целиот наставно-научен персонал на Шумарскиот факултет доколку за тоа има интерес и се укаже можност и потреба.

За потребите на одделни, пред сé наставни дисциплини, посебни примероци или збирки, од различни експонати, грижливо се колектирани, обработени и презентирани од предметните наставници и соработници. Одделните збирки се релативно богати со примероци, кои претставуваат значајна вредност. Така, за изведување на практична настава по предметната дисциплина „Ловство“, е оформена зоолошка збирка со над 150 дермопрепарати, од кои 15 припаѓаат на цицачи, а другите се птици. Најголем број дермопрепарати се дивеч кој според Законот за ловство, се трајно заштитени. Во рамките на зоолошката збирка, постои колекција од најразлични типови и модели на ловечко оружје и муниција, како и колекција на трофеи од најразлични видови крупен дивеч. Според бројот на дермопрепарати, оваа зоолошка збирка, заедно со збирката на Природно-научниот музеј во Скопје, се единствени збирки од ваков вид во нашата земја.

Катедрата за Заштита на шумите и дрвото располага со четири збирки и тоа ентомолошка, фитопатолошка, збирка од ситни глодачи и теренски примероци од различни оштетувања од биотски и абиотски фактори, како и збирка од опрема по предметната програма Екоклиматологија.

Ентомолошката збирка, за изведување едукација на студенти и постдипломци, располага со вкупно 10 000 експонати на инсекти, сместени во 100 ентомолошки кутии кои се наоѓаат во посебни витрини. Освен оваа збирка, постои и збирка од инсекти, колектирани од научно-истражувачки проекти која опфака околу 15 000 примероци препарирани инсекти, сместени во 250 ентомолошки кутии. За подготовка на практичниот дел од испитите, поврзани со предметните програми од шумарската ентомологија, можат да се користат и околу 300 експонати од оштетување на дрвото од ксилофагни инсекти и околу 600 оштетувања од дефолијатори. Освен нив, постојат и 5 кутии со препарати на морфолошката градба на инсектите кои живеат во шумите на Р. Македонија. Во ходникот, пред ентомолошката лабораторија, се наоѓа современа и релативно богата ентомолошка збирка на инсекти меѓу кои доминираат оние кои се најзначајни за шумите кај нас, како штетни, така и корисни.

Фитопатолошката збирка е опремена со габи (микотека) со приближно 45 покрупни примероци (видови) со различен број дупликати, сместени во специјални кутии, секогаш достапни за студентите. Освен тоа, збирката вклучува и околу 15 видови кои се однесуваат на заболувања на листовите или иглиците, а кои се чуваат во посебна колекција од стаклени плочки. Посебно внимание е посветено на колекцијата од фотозбирката која брои над 1 500 различни снимки и фотоалбуми.

Покрај наведените збирки, Факултетот располага со повеќе збирки како хербарска и фитоценолошка, педолошка, потоа збирка од семенарство и расадничко производство, пошумување, кои редовно се дополнуваат.

Од поново време е оформена и GIS-лабораторија, во која за потребите на наставата и науката, се разработуваат современи компјутерски апликативни програми од областа на шумарството и озеленувањето на животната средина. Оваа лабораторија располага со:

  • Колекција од преку 30 геодетски инструменти и голем број геодетски справи и помагала кои се користат во наставата по повеќе дисциплини, од најстари модели па се до најсовремени инструменти-Тотална станица.
  • Колекција од топографски карти за целата наша држава и делови од соседството во различен размер од 1 : 25 000 до 1 : 200 000.
  • Колекција од разни тематски карти и табеларни дадотеки за потребите на изучување во врскасо земјиште и вода.
  • Опрема за анализа на истражувањата на ерозијата.
  • Фототека од преку 5 000 фотографии за различни типови на ерозија на различни терени во РМ и странство.
  • Колекција од техничка документација во врска со области кои се делокруг на катедрата.
  • Независна компјутерска мрежа на катедрата со посебен сервер.
  • База на дигитални податоци за потребите на истражувањата во врска со научната област земјиште и вода.

Исто така, треба да се спомене дека речиси по сите предметни програми постојат повеќе или помалку оформени збирки од различни експонати, како и други материјали за полесно следење и совладување на наставната содржина.