Услови и начин на студирање

Наставна дејност

Учебна година и семестри

Генерално, учебната година започнува на 1 октомври, а завршува на 31 мај следната календарска година. Временска единица за апсолвирање на предметна програма е семестарот во траење од 15 недели. Семестрите во рамките на учебната година се именуваат како зимски и летен. Наставата во зимскиот семестар започнува на 1 октомври, а завршува на 15 јануари следната календарска година. Наставата во летниот семестар започнува на 15 февруари, а завршува на 31 мај. Прецизни информации се објавуваат секоја учебна година во Универзитетскиот календар на активности и неработни денови за тековната учебна година.

Испитни сесии

Во текот на учебната година утврдени се три редовни испитни сесии:

  • зимска испитна сесија (од 15 јануари до 15 февруари),
  • летна испитна сесија (од 1 јуни до 1 јули) и
  • есенска испитна сесија (од 1 септември до 1 октомври).

 

Прецизни информации за испитните сесии се објавуваат секоја учебна година во Универзитетскиот календар на активности и неработни денови за тековната учебна година и преку гласилата на факултетот. Термините за завршно оценување за секоја испитна сесија се закажуваат на почетокот на семестарот и се огласуваат на огласната табла. Во рамките на испитните рокови кои следуваат по ислушувањето на предметната програма, студентот на завршно оценување може да се јави најмногу 3 (три) пати, од коишто, на негово барање, третиот пат пред испитна комисија. Доколку студентот на завршно оценување 3 (три) пати покаже недоволен успех, предметната програма ја слуша повторно. Следење, водење и административна поддршка на студентите во текот на студирањето, се регулира со интерен акт на факултетот.

Досегашна наставна дејност, измени и дополнувања

Првата студиска програма (наставен план) е усвоена со основањето на факултетот, и тоа како четиригодишни студии по Шумарство, во рамките на тогашниот Земјоделско – Шумарски факултет. Првите измени во наставниот план се направени во 1972 година кога се отворени и четиригодишни студии по дрвна индустрија. Поголеми измени и дополнувања во наставните планови за Шумарство се направени во 1981 година кога се формирани две насоки и тоа: насока Одгледување и мелиорации на шумите и насока Искористување и транспорт. Со тоа на факултетот се студирало по 3 (три) студиски програми (наставни планови). На вака конципирани студии студирале само три генерации, така што од 1984 година наставата се организира по еден наставен план за студии по Шумарство и еден наставен план за студии по Дрвна индустрија. Во 1992 година повторно се извршени мали измени и дополнување на наставните планови во двете насоки. Во 1998 година на Шумарскиот факултет се оформуваат 4 (четири) насоки и тоа:

  • Шумарство,
  • Озеленување и унапредување на животната средина,
  • Механичка технологија на дрвото и
  • Проектирање и технологија на мебел и ентериер.

 

Почнувајќи од 2011 година, наставата на Шумарскиот факултет во Скопје се одржува во рамки на следните 2 (две) студиски програми:

  • Шумарство и
  • Озеленување и унапредување на животната средина.

 

Од учебната 2013/2014 година, Шумарскиот факултет во Скопје ги рекомпонира студиските програми, односно покрај Шумарство, студиската програма Озеленување и унапредување на животната средина се изменува и дополнува во нови 2 (две) студиски програми:

  • Шумарство,
  • Екоинженеринг и екоменаџмент и
  • Пејзажно дизајнирање.

 

Согласно со најновата акредитација, од учебната 2018/2019 година, Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ внесува нови и свежи содржини во предметните програми на трите студиски програми, според актуелните наставно-образовни и научноистражувачки достигнувања од развиените земји во Европа и светот:

  • Шумарство,
  • Екоинженеринг и екоменаџмент и
  • Пејзажно дизајнирање.
Измени и дополнувања во однос на досегашниот начин на студирање

Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ како членка на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје, во рамките на реформите на високото образование во нашата земја, ја промовира меѓу универзитетската соработка и мобилноста на студентите на институционално, национално и меѓународно ниво, со цел подобрување квалитетот на високото образование од областа на шумарството и животната средина. Измените и доплнувањата на студиските програми, претставува основа за целосна реорганизација (трансформација) на наставата согласно постулатите на кредит трансфер системот (КТС), компатибилен со Европскиот кредит трансфер систем (ЕКТС). Реорганизацијата на наставата подразбира:

  • потполно преминување кон семестрална настава,
  • воведување изборност во наставата,
  • рационализација на предметните програми преку намалување на обемот на контакт часови, а зголемување на индивидуалните активности на студентот,
  • воведување нови методи на учење: семинари, домашни работи, индивидуални проекти, практична работа,
  • воведување нови методи за проверка на знаењето, преку континуирано учење и проверка на знаењето, како и транспарентен систем на формирање завршна оценка со бодовна скала, преку која студентот знае како му се вреднува активноста, трудот и знаењето по секоја предметна програма,
  • во најголем број случаи премин на писмена проверка на знаењето,

воведување на три испитни сесии.

Правила за студирање – кредит систем

Применувајќи го Правилникот за единствените правила за студирање на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, како и Правилникот за единствените основи за кредит системот и преминот од една на друга студиска програма и преминот од една на друга високообразовна установа во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“  го подготви информативниот пакет во кој ќе бидат презентирани студиските и предметните програми, како и новите правила на студирање и кредит системот. Секој наставен предмет е кодиран со што трајно се дефинира предметната програма врзана за определен код, како и методите на учење и начинот на проверка на знаење и оформување оценка. Секој наставен предмет дефиниран со определен код, се изразува со точно определен број кредити, со кои се искажува оптовареноста на студентот за неговото совладување во рамките на целокупниот ангажман на студентот. Условите кои треба да ги исполни студентот за успешно завршување на предметната програма ги утврдува факултетот со нејзиното прифаќање.

Оценување

Како мерило за квалитетот на завршената работа и понатаму останува оценката, искажана од 5 (пет) до 10 (десет), при што оценката 5 (пет) покажува недоволен успех (знак за незавршена работа) за кој не се доделуваат кредити, а оценката 10 (десет) како оценка за најдобро завршена работа.

 

Елементи за оформување на оценката се: посета на предавања и вежби, семинарски работи, елаборати, проверка на знаење. Истите се пропишани за секоја предметна програма одделно.

 

Проверката на знаење се врши континуирано во текот на семестарот и како завршно оценување на крајот на семестарот во испитните рокови.

 

Оценката се формира транспарентно врз основа на освоени бодови (поени) по сите основи.

Стекнување звање

Со завршување на првиот циклус студии (додипломски студии), односно со освојување на 240 кредити, студентот се стекнува со академско звање:

  • Дипломиран инженер по шумарство,
  • Дипломиран инженер по екоинженеринг и екоменаџмент или
  • Дипломиран инженер по пејзажно дизајнирање.