Трошоци за живеење, сместување и оброци
Сместување во Скопје
Покрај приватното сместување, студентите од Шумарскиот факултет можат да се сместат во Студентски центар – Скопје кој располага со следниве студентски домови:
- Студентски дом „Гоце Делчев”, тел. (02) 3075 185 за блоковите А и Б и тел. (02) 3063 306 за блоковите В и Г
- Студентски дом „Кузман Јосифовски Питу”, тел. (02) 3228 844 – портирница и тел. (02) 3228 138 – управник
- Студентски дом „Стив Наумов”, тел. (02) 3116 175 – машка зграда, тел. (02) 3220 575 – женска зграда и тел. (02) 3116 175 – бараки
- Студентски дом „Невена Георгиева Дуња”, тел. (02) 3238 910
Начинот и условите за аплицирање, роковите, местата и потребните документи се утврдуваат по пат на конкурс кој се објавува секоја година во дневниот и електронскиот печат од страна на Министерството за образование и наука.
Цената за сместување во Државниот студентски центар зависи од студентската населба-дом и се движи од 3 100 денари до 3 600 денари. За овие средства добиваат сместување и за 4 000 студентски бонови. Боновите се користат за исхрана во студенскиот дом-населба, во менза, бифе или продавница.
Студентите од внатрешноста кои се сместени во приватни објекти месечно плаќаат по околу 3 000 денари за сместување и од 1 000 до 1 500 денари за месечни трошоци (вода, електрична енергија, централно загревање, телефон).
Исхрана и превоз
Со извршено анкетирање е пресметано дека еден студент месечно троши по 6 000 денари во кои се вклучени превоз, храна и трошоци поврзани со факултетот.
За исхрана на студентите конкретно на Шумарскиот факултет можат да се користат објектите на студентската населба „Стив Наумов“ и приватните угостителски објекти во близина на факултетот.
Студентскиот билет за превоз (студентска возна карта) со автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) „Скопје“ е бесплатен, согласно со пропишаните важечки акти на претпријатието.
Медицински услуги
Во состав на студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ постои и Универзитетска амбуланта и аптека наменети за студентите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”. Секој студент со запишувањето е должен да изврши систематски преглед во амбулантата со што се евидентира и се стекнува со право на користење на сите услуги.
Слободни и спортски активности
Градот Скопје и неговата околина, на студентот како млад човек му нуди голем избор на слободни активности. За рекреација и спорт можат да се користат многубројните објекти за таа намена или пак едноставно кејот на реката Вардар, како и карактеристичните пејзажи Водно и Гази Баба за прошетка. Овде може да се вбројат кината, театарски претстави и слични активности кои се во функција на културно изградување на студентите и можност за рационално користење на слободното време.
Спортските активности се потикнуваат и негуваат на Факултетот за шумарски науки, пејзажнаархитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“. Студентите спортисти на факултетот се трудат да нижат успеси во фудбалот, пинг-понгот, како и во шахот. Секоја година се организираат екипи во спортовите за кои има интерес. Координација за спортските активности врши Факултетското студентско собрание на ФШНПАЕ „Ханс Ем“ во Скопје.